Нови целосни стипендии за докторски студии во странство
Скопје / 13.07.12 / 14:35 
Македонската влада ќе доделува полни стипендии за докторски и за специјалистички 
студии од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата, за некој
од стоте најреномирани универзитети во светот. 

Услов, како што објави МТВ е кандидатите да се примени, да имаат просек од 8,5, да имаат препорака од професори или позитивно мислење за потребата од одредена специјализација, како и да имаат објавено стручни трудови во областа. 

„Нема ограничување во поглед на бројноста на стипендиите. Хипотетички, доколку се пријават стотина кандидати, сите стотина ќе добијат стипендии. Ние апелираме младите луѓе да го искористат овој повик, да ја искористат оваа можност, ова е добро за надградба на нивното образование и добра можност за стекнување натамошни перформанси за нивната кариера”, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Стипендистите ќе добијат пари најмногу за 6 години. По завршувањето на студиите, треба да се вратат во Македонија и да работат од 9 до 15 години, во спротивно треба десеткратно да ги вратат парите, објави МТВ./крај/еР/МТВ/амп
